Голема заинтересираност за второто издание на „Кугламе и сме среќни“

Со скоро 150 ученици започна првата седмица од проектот „Кугламе и сме среќни“, кој втора година по ред се организира во битолската куглана.

Откако ланскиот собир наиде на голем број позитивни критики кај спортската јавност, оваа година заинтересираноста за амбициозниот проект беше уште поголема кај младите битолчани, кои уште еднаш покажаа дека го сакаат овој спорт кој има долга традиција во градот на конзулите.  

„Првата недела примивме вкупно 143 ученици од основните училишта: „Тодор Ангелевски“, „Гоце Делчев“, „Стив Наумов“. Согласно очекуваното, големата бројка на ученици предизвика застој на сите кугларски активности со машкиот и женскиот кугларски клуб од понеделникот до петокот, но од друга страна нема поубаво чувство кога толку многу деца куглаат со голем интерес, се дружат меѓу себе и своите врсници и се забавуваат. Се куглаше нон-стоп од 15.00 - 22.00 часот. Ни беа присутни неколку професори по физичко. Започнавме од нула, со првите базични чекори. Сите ученици остварија два тренинзи и веќе може да се каже дека можат правилно да ја исфрлат куглата. Од наредната недела ни се приклучуваат учениците од основните училишта „Елпида Караманди“, „Трифун Пановски“ и „Даме Груев“. Интересот е голем и во голем процент од нашите „гостинчиња“ се пријавија да продолжат со куглање, а нашата филозофија КУГЛАМЕ И СМЕ СРЕЌНИ полека успеваме да ја пренесеме на нашите деветто одделенци“, велат од организацијата на овој проект. 

Со младите битолчани работат неколку професионални тренери од кугларскиот клуб Пелистер, кои лани го дадоа максимумот од себе и за само една година од почетници успеаја да создадат натпреварувачи кои веќе оваа сезона се натпреваруваат во Првата лига на Македонија.