• Горан Упале
Македонецот Бојан Влаќевски одново ја одушеви светската кугларска јавност, а по последното достигнувањ кој што го направи може да се заклучи дека тој не само што е најдобриот наш куглар во моментов, туку и на сите времиња.
Имено, поранешниот европски клупски шампион, забележа резултат кој што е вистинска реткост во овој спорт. Влаќевски сезонава ги брани боите на ВФБ Халбергмос, каде доминира со својата игра, а на последниот натпревар влезе во историјата на најсилната кугларска лига во светот.
Македонецот имаше резултат од неверојатни 758 соборени дрва, што е рекорд во историјата на германската Бундеслига. Досегашниот беше 750 дрва. Но, не само тоа. Овој скор на нашиот куглар се смета и за еден од најдобрите во историјата. Најдобриот резултат досега го поседува Вилмош Заварко од Србија со 771 соборени дрва, а подвигот на Влаќевски е сместен меѓу третото и петтото место на сите времиња.
Инаку, во куглањето за светски рекорд се смета само резултат остварен на Светско првенство, а моментално тој е 730 соборени дрва.
Влаќевски веќе подолго време е при самиот кугларски врв на стариот континент, а својот најголем успех го оствари пред четири години, кога како член на Запрешиќ го освои најпрестижниот кугларски клупски трофеј во Европа.