Димитровски: Историската титула му ја посветуваме на нашиот идеен творец и сакан тренер 

Gol.mk ексклузивно интервју

Кугларскиот клуб Вардар го приреди најголемото изненадување во сезоната 2020/21, кога се работи за спортските шампионати во Македонија. Иако тимот е основан пред само седум години, макотрпната работа на сите членови, како и вербата во чудо, го однесе Вардар до најголемиот успех во својата историја, а тоа е приматот шампион во Првата кулгарска лига на Македонија.

По скоро двoдецениските перфектни сезони на кугларите Макпетрол, кои ги срушија сите рекорди на доминација во мак-спортот, кога најмалку се очекуваше, во период на пандемија и криза, Вардар се издигна до врвот и заслужено се радува на првиот трофеј во своите витрини.

Еден од кугларите со најдолг стаж во „црвено-црното“ семејство, Дарко Димитровски за Gol.mk не го криеше огромното задоволство од постигнатиот успех и најави дека Вардар и во иднина ќе се бори за највисок пласман во домашниот шампионат.

„Најпрво сакам да им се заблагодарам од срце за сите наши поддржувачи и фанови. Од прилика дваесеттина години, од кои осумнаесет по ред ако не се лажам, бевме сведоци на „монолог” во македонската кугларска лига, комфорт на екипата на Макпетрол, кој видно се наруши по основањето на нашиот клуб во 2014 година. Амбициите од самиот почеток беа токму овие кои се остварија после седум години чекање шанса и макотрпна работа. Иако уште на самиот почеток неискусно пропуштивме големи шанси ова да го сториме порано, сè е лекција во спортот и успехот ќе дојде кога можеби и најмалку се очекува. Оваа сезона како и сите шест претходно целевме на највисоките позиции во Македонската кугларска лига, откако имавме мала криза минатата сезона кога не бевме на една од првите три позиции во лигата. Со оглед на моќноста на конкурентот Макпетрол во финансиска и играчка смисла, ќе бевме задоволни да се вратиме на вицешампионското место кое ни припаѓаше во поголем дел од кратката историја на клубот. Но, ја грабнавме и најмалата шанса за титула што се појави по киксот на Макпетрол со екипата ГТЦ и нивниот нерешен резултат. Ги победивме сите конкуренти, вклучувајќи го и Макпетрол во вториот дел од сезоната и заслужено сме шампиони. Клучни се две работи, а тоа е ангажманот на полусезона на легендарниот Коста Манев, играч од светски калибар и хемијата во клубот која конечно го достигна својот врв и која е заслужна за историскиот успех. Чувството да се биде шампион со друга екипа после дваесеттина година едноличност не се опишува. Искапе многу пот, но на крај и многу солзи радосници“, вели Димитровски.

Иако е свесен за спортската фраза дека потешко е да се одбрани трофеј, отколку да се освои, вардарецот верува во нова голем успех на тимот во следната сезона.

„Со оглед на задоцнетата сезона поради ковид-пандемијата, немаме многу време за одмор како некогаш, бидејќи сезоната конечно заврши на крајот на јуни, а по редослед на нештата припремите почнуваат веќе на почетокот на август. Нема да има промена на амбициите, со тоа што овој пат имаме нов предизвик кој се вика одбрана на титулата. Нешто што досега не сме го имале како искуство и верувам во спортската фраза која вели дека потешко е да одбраниш отколку да освоиш титула. Можеби звучи преамбициозно покрај фактот дека конкурентот Макпетрол и многу помоќен од сите аспекти, ми дава за право да се надевам откако после преодниот рок, сите играчи на Вардар останаа верни на нашиот клуб. А нели, тимот што победува не се менува“.

Димитровски вели дека покрај титулата на Вардар, новата куглана во Битола е уште еден историски успех на кугларскиот спорт во нашата држава. Исто така ја пофали и работата на Кугларската федерација во последните години.

„Покрај нашата титула, новата куглана во Битола е уште еден историски успех на кугларскиот спорт во нашата држава. Заслугата е целосна на невидените ентузијасти и кугларски работници од Битола, членови на КК Пелистер, на кои им симнувам капа долу за истрајноста, упорноста и желбата која ги доведе до конечна победа, а тоа е нова светска куглана во нивниот град, најјужната во Европа. Познавајќи ги какви неуморни спортски работници се, очекувам Битола да биде новиот центар на најважни кугларски случувања во земјава, па и пошироко. Федерацијата, во поглед на активностите кои ги презема, дефинитивно се крена од долгогодишна хибернација и видливи се нејзините успеси. Нова куглана, проширување на лигата со нови тимови, враќање на репрезентациите на меѓународна сцена, враќање на женското куглање, работа со млади кадри...се само дел од успешните активности на федерацијата. Се надевам нема да се застане тука, има уште премногу работа за да се достигне посакуваното ниво кое ова раководство го има зацртано од самиот почеток на својот мандат. Што се однесува до репрезентацијата, за жал одливот на најдобрите македонски куглари во други европски репрезентации продолжи и понатаму. Така, машката сениорска репрезентација е видливо ослабена, но со добар и стручен тренерски кадар верувам дека можеме повторно да се издигнеме на ниво кое бевме некогаш, во првата половина по квалитет во Европа. Добрата вест е што се враќа женската сениорска репрезентација после долги години отсуство, како и кадетска женска репрезентација, благодарение на Игор Михајловски, потпретседател на федерацијата и еден од водачите на битолското куглање“.

Членот на Вардар уште еднаш им се заблагодари на поддржувачите, а освоената титула му ја посвети на поранешниот тренер на тимот, Драги Димитровски, кој за жал не го доживеа овој голем момент за клубот.

„За крај сакам уште еднаш да им се заблагодарам на нашите верни подржувачи, посебно на Михајло Тушевски, како и на Gol.mk, за вашата заинтересираноста да пишувате константно за кугларските новости. Тоа на овој спорт му е очајно потребно и се надевам многу други спортски портали ќе го следат вашиот пример. Оваа титула ја посветуваме на нашиот идеен творец од првиот ден на клубот, нашиот засекогаш почитуван и сакан тренер Драги Димитровски кој за жал не доживеа да го крене овој пехар, но сме сигурни дека се радува со нас од горе“, завршува Димитровски.

Сега веќе поранешниот шампион Макпетрол по долги години владеење мораше да се задоволи со вицешампионското место, додека третата позиција им припадна на кугларите на Пелистер.