Димитровски и Влаќевски потпишаа за двете најамбициозни хрватски екипи

Најдоброто македонско кугларско дуо, Димитар Димитровски и Бојан Влаќевски го напуштија тимот на Медвешчак, но остануваат во хрватскиот шампионат. 

Неколку хрватски клубови „загризаа“ за потписот на нашите репрезентативци кои имаа најдобар просек во лигата, во која настапија лани во Хрватска, па Димитар Димитровски премина во амбициозната екипа КК Метројак од Сплит, додека Бојан Влаќевски ќе игра за шампионот КК Запрешиќ. 

Во минатото двајцата куглари беа дел од тимот на Вардар и секоја сезона имаа најдобар скор по крајот на кое било натпреварување, дали е Македонската кугларска лига, Купот на Македонија или поединечното првенство.

Влаќевски е единствениот куглар роден во Македонија кој ја надминал бројката од 700 соборени дрва, како вкупен резултат на еден натпревар и тоа токму оваа година, a пред еден месец беше дел од Светското првенство во Романија, каде во категоријата Single Classic стигна до историско четвртфинале.