Битолската куглана го собра најдоброто од Македонија и БиХ, победа за дамите, пораз за мажите!

Во саботата реновираната битолска куглана за првпат беше организатор на еден натпревар од меѓународен карактер. Во градот на конзулите гости беа машката и женската селекција на Босна и Херцеговина, кои одиграа пријателски натпревари со нашите најдобри репрезентации.

Во еден крајно интересен натпревар, со резултатска неизвесност до последните кугли, македонските кугларки на крајот успеаја да извојуваат убедлива победа од 5.5-2.5, гледано во поени, но со само единаесет дрва разлика во предност на Македонија.

Најдобра македонска кугларна на овој натпревар беше Данче Наумовска од ЖКК ГТЦ Мусандра., која со убедливи 4-0 ја совлада Маја Ковачевиќ, а солидна претстава имаше и младата битолчана Стефанија Алексовска.

Селекторот на македонската женска сениорска репрезентација – Перо Гијевски се одлучи за следниот состав: Ивана Трајчевска, Андреа Вељаноска и Стефанија Алексовска, членови на ЖКК Пелистер Пин од Битола и Билјана Гаврилова, Драгана Гаврилова и Данче Наумовска од ЖКК ГТЦ Мусандра. 

Возбудливо и неизвесно беше и во средбата на мажите, но овој пак поуспешни беа гостите од Босна и Херцеговина, кои на крај славеа со 5-3 (3.410-3.441). Поените за нашата селекција ги обезбедија Димитар Димитровски, Донковски и Трпковски, додека животна партија имаше гостинскиот куглар Нермин Хрустемовиќ, поставувајќи рекорд на битолската куглана од 638 дрва.

Кај мажите, селекторот на македонската сениорска репрезентација – Димитар Димитровски се одлучи за следниот состав: Ибрахим Мемеди, Младен Донковски, Сашко Трпковски од Макпетрол и Димитар Димитровски, Пецо Димовски од Вардар, вклучувајќи го и интернационалниот куглар Дамир Фучкар. Во ревијалниот дел настапија Дарко Димитровски и Душко Ајдин.

Битола и модерната куглана се покажаа како одлични домаќини, а битолската публика со своето присуство и бодрење на нашите национални селекции уште еднаш покажа дека е голем љубител на овој спорт, кој во последните години и покрај сите проблеми со кои се соочуваат клубовите и федерацијата е во голем подем во Македонија. 

Пријателските натпревари ги отвори Амбасадорот на Босна и Херцеговина во Македонија, Драган Јаќимовиќ, кој со своето присуство даде уште поголема тежина на овие два натпревари.