Београд победник на „Скопје 2022“, претседателот Михајловски го отвори турнирот

По двегодишната пауза, поради пандемијата, конечно се одржа четвртиот интернационален кугларски турнир „Скопје 2022“, на кого учестуваа двете екипи на Вардар и гостите од Србија, КК Београд и КК Милош Обилиќ. 

Во екипна конкуренција првото место го освои тимот на Београд, која со оглед на амбициите и квалитетот оваа сезона се очекува да атакува на европскиот врв. Првиот тим на Вардар заврши на второто место, трета беше екипата на Милош Обилиќ, додека Вардар 2 заврши како четврти.

Во поединечна конкуренција, победи кугларот на КК Београд Давид Лаинчак со 601, втор беше вардарецот Димитар Димитровски со 583 и на третото место се пласираше репрезентативецот на светскиот шампион Србија и куглар на КК Београд, Александар Милинковиќ со 573. 

Турнирот беше свечено отворен од страна на новиот претседател на КФМ, Игор Михајловски, кој од Скопје ја започна својата агенда за промоција на куглањето ширум државата.