Бенедик: Чешка е фаворит, но додека имаме шанси ќе се бориме

Кугларската репрезентација на Македонија по пауза од шест години повторно пријави своја екипа на еден планетарен собир. 

Нашите куглари на Светското првенство во Чешка досега одиграа две средби. На стартот забележаа пораз од Полска, додека во второто коло со убедливи 8-0 го совладаа тимот на Естонија. Во пресрет на третото коло, капитенот Борис Бенедик, ги анализираше првите два натпревари. 

„Објективните можности на македонската репрезентација во овој состав не можат да се проценат од првите два натпревари со оглед дека имавме долго дводневно патување и веднаш наредниот ден прв натпревар рано наутро во многу ладна куглана, услови кои не се соодветни за вакво првенство. Воедно треба да се знае и фактот дека оваа репрезентација имаше долга шестгодишна пауза од Светските првенства кои сигурно негативно се одразија во првиот натпревар против Полска. Веќе во вториот, со Естонија, се гледа напредок и подигнување на формата како најава пред наредните натпревари со домаќинот Чешка и фаворитот Србија. Додека имаме шанси ние ќе се бориме и сигурно нема да се предадеме“, изјави Борис Бенедик. 

Натпреварот против Чешка започнува од 18:30 часот, а со евентуален триумф Македонија значително ќе ги зголеми шансите за првите две позиции.