Звезда падна во финишот, вечното АБА дерби за „црно-белите“ на Обрадовиќ

Кошаркарите на Партизан успеаја во последната четвртина да го победат вечниот ривал Црвена Звезда и славеа со конечни 85-77 во натпреварот од 28. коло во АБА лигата. 

Бевме сведоци на прилично израмнета игра во првото полувреме, двете екипи добија во своја полза по една четвртина, а на паузата „црно-белите“ имаа водство од седум поени разлика (39-32). 

Црвена Звезда не дозволи да се „лизне“ на стартот од второто полувреме и заигра многу подобро, па така ривалите влегоа во последните десет минути во егал-ситуација. Партизан имаше мало водство на средината на последната четвртина, па и покрај отпорот на вечниот ривал, успеа на крајот да го направи финалниот исчекор и триумфираше со конечни 85-77. 

Најефикасен во тимот на Жељко Обрадовиќ беше Стерлинг Браун со 22 поени, додека на спротивната страна три поени помалку имаше Немања Недовиќ. Партизан сега има скор од 24-4, а Црвена Звезда останува на 20 триумфи и седум порази.