Зурос: Победивме добар ривал, но не ја завршивме работата

Кошаркарите на Грузија запишаа важна победа над Македонија (91-70) во Тбилиси, па во подобар моментум ќе допатуваат во Скопје за четвртото коло во квалификациите за Мундобаскетот. 

По победата, на прес-конференцијата се обрати селекторот Илиас Зурос. Тој нагласи дека е задоволен од претставата на тимот без главните ѕвезди. 

„Честитки до моите играчи. Тие ги прават акциите, се бранат и го оставаат срцето на терен. Сакам да се заблагодарам на фановите на трибините. Ни недостигаа многу ѕвезди, а тие кои беа тука дадоа сè. Македонија има добар тим кој многу шутира, специфично многу шутираат високите играчи. Работата не завршува денес, бидејќи се насочуваме веднаш на следниот неделен дуел против истиот ривал“, смета Зурос.

Покрај селекторот, на прес-конференцијата се обрати и искусниот Ѓорѓи Шермандини, кој изјави: 

„Секогаш е убаво да се игра дома. Сакавме победа, честитки за соиграчите и стручниот тим. Сите знаат дека ни недостигаат многу добри и важни играчи. Имавме добар натпревар со Македонија и среќни сме за резултатот“.

Грузијците гостуваат на Македонија во СЦ „Борис Трајковски“ в недела од 20:00 часот во возвратниот дуел.