Зурос: Го затворивме главниот играч на Македонија во шутот за три

Кошаркарската репрезентација на Грузија ја оствари целта, победи против Македонија во Скопје (65-79) и го оствари вториот меѓусебен успех во пресметките во квалификациите за Светското првенство (СП) кое ќе се игра во 2023 година.

По натпреварот, Илас Зурос, селекторот на Грузија, го коментира натпреварот и истовремено испрати апел воениот конфликт во Источна Европа да престане.

„Најпрво, сакам да им честитам на играчите и на стручниот штаб затоа што ја остваривме целта, а тоа беше да се квалификуваме во следната рунда. Со трите победи ја минавме нашата група и сега се фокусираме на следниот циклус каде сакаме уште победи и да играме на Светско првенство. Ја посветуваме победата на нашите навивачи и луѓето во Грузија, тие го заслужуваат тоа. Уште едно нешто, би сакал да ја споменам војната што започна - таа мора да престане. Луѓето мора да сфатат дека не е коректно во 2022 година да се води војна.

Што се однесува до Македонија, Димитријевиќ е одличен играч, не му дадовме да постигнува тројки. Не бевме на премногу високо ниво, одбраната ни ја донесе победата. Видов дека во Македонија недостигаат некои играчи, но мора да признаеме дека и кај нашиот тим фалеа тројца играчи, на чело со Шенгелија. Но, добро се подготвивме. Тактички бевме добри“, изјави Зурос. 

Грузија со двете победи над Македонија дојде до бројката од вкупно три успеха. Следниот предвиден меч во квалификациите за СП 2023 е против Украина, на први јули.