• Горан Упале

Ненад Димитријевиќ го одигра својот најдобар натпревар во дресот на македонската репрезентација, но за жал тоа не беше доволно за победа на нашата селекција на гостувањето во Литванија. Асот на Олимпија Милано беше нерешлива енигма за литванската одбрана, но откако се повреди, следуваше пад во нашата игра и Литванија го искористи тоа со убедлив триумф од 94-72.
Димитријевиќ феноменалната партија ја заврши со 43 поени, а литванскиот репрезентативец Ажуолас Тубелис призна дека знаеле што ги чека кога на паркетот ќе биде популарниот Нено.
„Знаевме дека играчот што игра во Евролигата, во Олимпија, (Димитријевиќ) ќе постигне многу поени, но исто така знаевме дека нема да може сам да го добие натпреварот. Дадовме сè од себе да го сопреме, но тој е фантастичен играч, фантастичен креатор, ќе најдеше начин како да поентира. За жал се повреди, но сепак најдовме слаби точки во нивната одбрана и ги искористивме истите за голема победа“, изјави Тубелис.
Димитријевиќ се здоби со ситна повреда и не беше во можност да го доигра натпреварот.