• Зоран Мишевски

ЖKK Вардар од Скопје ја доби организацијата на финалниот турнир од М12 лигата-жени. Понудија најдобри услови за организирање на турнирот кој следува на 27 и на 28 мај, а ќе се игра во нивната сала „Под Кале“ во Скопје. Одредени се и сатнините на одигрување на полуфиналните натпревари.
Во првото полуфинале кое ќе се игра на в сабота, ќе играат екипите на Вардар и Баскет Кам 2011 од Македонска Каменица, закажано е за 12:00 часот. Два часа подоцна, од 14:00 часот, за место во финалето ќе разигруваат екипите на Патриот 2016 од Делчево и Струга 2009.
Победникот, кој за првпат, ќе добие и парична награда во висина од 25.000 денари ќе биде познат по одигрувањето на финалето кое на програмата в недела од 14:00 часот. Поразената екипа во финалниот натпревар ќе биде парично наградена со 15.000 денари.
Натпреварот за третото место е предвиден за в недела, од 12:00 часот. Победникот на оваа средба, освен бронзените одличја ќе добие и парична награда во висина од 10.000 денари, а исто толку средства од вкупниот награден фонд од 60.000 денари, кој го предвиде федерацијата за овој финален турнир, ќе добие и екипата која ќе заврши како четвртопласирана на овој собир.