ЖКК Вардар најави: Ќе направиме сѐ за да го одбраниме Куп-трофејот

Екипата на ЖКК Вардар е актуелен бранител на Куп-трофејот во Купот на Македонија. Како единствени присутни претставници од женските екипи, од таборот на вардарки истакнаа дека ќе направат се за да го одбранат ланскиот трофеј кој беше освоен со триумф во финалето над Бадел.

„Женската кошарка нема многу публика, но се надевам дека на натпреварите ќе ја добиеме посакуваната поддршка. Ние сме бранители на тронот и ќе направиме се за да го одбраниме трофејот во натпреварувањето. Нема да биде воопшто лесно, но ветуваме максимум и голема борба“, изјави Благој Трифуновски, претставник на „црвено-црните“.

Збор имаше и Симона Деловска, капитенот на Вардар.

Работнички ќе биде наш прв ривал во Купот. Го познаваме добро ривалот, затоа што повеќето кошаркарки од таму лани играа за нас. Како што кажа нашиот тренер, ние ќе играме најдобро што знаеме и ќе се обидеме да го одбраниме Куп-трофејот. Тоа е нашата голема желба“, изјави Деловска.

Вардар и Работнички ќе играат во второто полуфинале, в сабота од 14:15 часот. Во првиот меч закажан од 12:00 часот ќе се соочат ЖКК Бадел и Струга. Женското кошаркарско финале е в недела од 14:30 часот.