ЖКК Вардар експресно до место во финалето на плеј-офот

Екипата на ЖКК Вардар е првиот финалист на плеј-офот во женска конкуренција, откако синоќа и во вториот натпревар од серијата беа подобри од Куманово-Гризли (63-61).

Најголемите заслуги за трумфот вреден финале одат кај најискусната кошаркарка, Славица Наков. Таа со своите пет поени дадени во последните 74 секунди донесе комплетен пресврт. Негативата од 58-61, со двете реализации, прво за два, а потоа за три поени, ја претвори во победа вредна пласман во големото финале.

Димитријевиќ даде 14.поени за ЖКК Вардар, Тасевска реализираше 13, Наков 11 поени, но последните пет беа решавачки. Муса ја заврши сезоната како играч на Куманово-Гризли со 21 реализиран поен. Петрушевска постигна 13 поени, а Џонсон додаде уште 12 поени.

За првпат оваа сезона, кошаркарките на Крива Паланка стигнаа до триумф против екипата која ја брани шампионската титула. На свој терен го надиграа составот на Баскет кам 2011 со 77-71 и на тој начин изедначија на 1-1 во серијата која треба да го даде вториот финалист.

Мазук беше стрелец на 20 поени во домашната екипа, МекКала постигна 19, а Алексовска реализираше уште 18 поени. Во гостинската екипа, Зубац постигна 24 поени, Адамовска ја следеше со 18, додека капитенот Поп Димитровска додаде уште 10 поени.

Ќе се игра и трет натпревар во кој победникот добива голема награда – финале на плеј-офот на Првата женска кошарарска лига.