• Мартин Танасковски
После четири и пол години соработка кои оставија силен печат врз клубот, легендарниот тренер Жељко Обрадовиќ и официјално повеќе не е дел од Партизан. Одлуката доаѓа по серија тензии и несогласувања со раководството, а конфликтот кој настана меѓу страните, е непремостлив.
Навивачите на Партизан отворено го изразија револтот и незадоволството од раководењето на клубот, јасно ставајќи до знаење дека не прифаќаат никој друг на клупата освен Обрадовиќ. Тие своето мислење го покажаа и гласно на натпреварот против Баерн во Евролигата. Сепак, и покрај желбите на навивачите, станува сè поочигледно дека враќање нема и дека ерата на Жоц останува само значајно минато на клубот. Паралелно со потрагата на Партизан по нов тренер, во јавноста веќе се појавуваат бројни информации дека 65-годишниот стратег има конкретни понуди за продолжување на кариерата, а најмногу внимание привлекуваат шпекулациите дека би можел да се врати во земјата каде што ја изградил една од најголемите тренерски наследства – Грција.
Според медиумите, грчките клубови ПАОК и Арис се подготвени да влезат во директна битка за неговиот потпис. Двата тима се наоѓаат во план за значајни финансиски вложувања од следната сезона, со амбиции да се вратат меѓу најдобрите во грчката и европската кошарка, а ангажирањето на Обрадовиќ го гледаат како клучен дел од тие планови. Во Солун не го кријат ставот дека токму Жоц би бил идејниот креатор на нов проект со големи цели, а неговото доаѓање би претставувало силна порака за сериозноста на намерите и дополнително би го привлекло вниманието на врвни кошаркари кои би сакале да работат под водство на еден од најуспешните тренери во историјата на спортот.
Доколку дојде до договор, ова би претставувало интересен пресврт во неговата кариера, особено ако се има предвид дека од 1999 до 2012 година Обрадовиќ го водеше Панатинаикос и токму таму го изгради статусот на икона на грчката кошарка. За тој период тој пет пати ја освои Евролигата со клубот, единаесет пати беше шампион на Грција и седум пати го освои Купот – бројки кои го поставуваат како најтрофејните европски тренери на сите времиња.
Арис, кој последна шампионска титула во Грција ја освои во 1991 година, а последен трофеј во домашните натпреварувања во 2004 година, гледа во Обрадовиќ личност што може да ја врати славата на клубот. ПАОК, пак, не ја освоил титулата од 1992 година, а последниот Куп го подигна во 1999 година. За двата клуба, Обрадовиќ претставува тренерско име кое би го променило целиот изглед на проектот и би им донело кредибилитет во обид да се вратат на врвот. Што ќе избере Жељко Обрадовиќ останува да се види во неделите што следат.