Жељко Обрадовиќ доби понуда „тешка“ десет милиони евра

Грчкиот кошаркарски великан Панатинаикос е подготвен да направи голем чекор во обидот повторно да го ангажира најтрофејниот европски тренер Жељко Обрадовиќ, пренесуваат медиумите од Србија.

Иако актуелниот стратег Ергин Атаман сè уште е на клупата на атинскиот гигант, неговата иднина во клубот станува сè понеизвесна по резултатите и случувањата во изминатиот период.

Според информациите, сопственикот на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, го поставил Обрадовиќ како прва и најпосакувана опција за тренерската функција. Грчкиот клуб наводно е подготвен да му понуди двегодишен договор вреден 10 милиони евра, што би го направило најплатениот тренер во европската кошарка.

Обрадовиќ е едно од најголемите имиња во историјата на европската кошарка. Токму со Панатинаикос ги доживеа најголемите успеси во својата кариера, освојувајќи пет титули во Евролигата во периодот од 1999 до 2012 година. Под негово водство, клубот од Атина се етаблираше како една од најдоминантните сили на европската сцена.