Желбата на Дубаи за Вокап може да го доведе до казна од Евролигата

Кошаркарскиот клуб Дубаи би можел да се соочи со сериозни последици поради начинот на кој се обидел да го ангажира Томас Вокап од Олимпијакос. Клубот од Обединетите Арапски Емирати по секоја цена сака да го засили ростерот по освојувањето на АБА лигата минатата сезона, но еден од обидите за трансфер може да му донесе проблеми со Евролигата.

Евролигата отворила дисциплинска постапка против Дубаи поради наводно прекршување на правилата при контактот со Вокап.

Имено, Дубаи стапил во контакт со 33-годишниот плејмејкер во период кога до истекот на неговиот договор со Олимпијакос имало повеќе од 60 дена. Грчкиот клуб ја одбил понудата, но Дубаи не се откажал и продолжил со обидите да го доведе искусниот кошаркар.

Проблемот за клубот е уште поголем ако се земе предвид дека Вокап има важечки договор со Олимпијакос до летото 2027 година. Дополнително, ситуацијата ја усложниле и јавните изјави на претставници на Дубаи, со кои дополнително биле прекршени правилата.

Случајот доаѓа во особено чувствителен момент за Дубаи, бидејќи клубот е во процес на преговори за добивање повеќегодишна лиценца за настап во Евролигата.

Токму поради тоа, сопственикот на клубот, Шеикот Абдулах, е загрижен за можниот исход од дисциплинската постапка и за тоа како целиот случај би можел да влијае врз иднината на Дубаи во најелитното европско клупско натпреварување.