Жалгирис со шутерско шоу ја продолжи агонијата на „кралевите“

Екипата на Реал Мадрид продолжи со поразите во Евролигата. „Кралскиот“ клуб на домашен терен неочекувано загуби од Жалгирис (83-92) и така го доживеа третиот пораз по ред во елитното натпреварување.

Литванскиот првак имаше шутерско шоу во Мадрид и со одлично прво полувреме зачекори кон победата. По само дваесет минути игра во главниот град на Шпанија, Жалгирис успеа да постигне дури 54 поени. Прв поентер кај победникот беше Вокер со 21 поен, пред Франциско со 17 поени, додека кај Реал Мадрид, Муса даде 15 поени.

Виртус Болоња со слободни фрлања во последните секунди успеа да дојде до триумф на гости кај Басконија (82-81). Американецот Клајбурн мечот го заврши со 23 поени, а Шенгелија имаше дабл-дабл од 16 поени и 10 скока, додека кај Басконија, Рогкавопулос уфрли 19 поени.

На третиот натпревар, исто така ефикасен, Баерн Минхен дома славеше над Макаби Тел Авив (98-93). Едвардс беше предводник кај „баварците“ со 25 поени, а Обст имаше 23 поени, додека кај Макаби се истакна Хоард со 25 поени.