• Мартин Танасковски

Жалгирис останува во игра за пласман на Фајнал-форот во Евролигата, откако во драматичен натпревар го совлада Фенербахче со 81-78 и намали на 2-1 во плејоф серијата.
Турскиот состав беше блиску до „метла“ и обезбедување место на завршниот турнир, особено по фантастичното прво полувреме во кое избраниците на Шарунас Јасикевичус имаа и максимални +19. Сепак, литванскиот шампион успеа да се врати и до паузата ја намали негативата на само седум поени. Во продолжението Фенербахче неколкупати повторно се одлепи, но домаќините не се предадоа. Во последната четвртина блесна Ажуолас Тубелис, кој го предводеше Жалгирис до голем пресврт и победа што ја продолжи серијата. Тубелис беше најефикасен со 26 поени, додека Најџел Вилијамс-Гос додаде 18, а Силвен Франциско 12 поени. Кај Фенербахче се истакна Вејд Болдвин со 16 поени.
Во вториот натпревар на вечерта, Валенсија успеа да ја продолжи серијата против Панатинаикос, со победа во Атина со 91-87. Шпанскиот тим, по двата порази на домашен терен, одигра одлично прво полувреме и во еден момент имаше предност од 19 поени. Сепак, грчкиот гигант се врати во финишот и внесе неизвесност во последните минути. Натпреварот беше исполнет со тензии, а во центарот на вниманието се најдоа тренерите Ергин Атаман и Педро Мартинез, кои по жестока расправија беа исклучени.
Во драматичната завршница Панатинаикос имаше шанса да избори продолжение, но Никос Рогавопулос промаши две тешки тројки, по што Валенсија преку слободни фрлања ја потврди победата. Најдобар кај победникот беше Жан Монтеро со 16 поени и девет асистенции, додека Кендрик Нан постигна 13 поени за Панатинаикос. И покрај поразот, Панатинаикос и понатаму води со 2-1 во серијата и ќе има нова меч-топка пред своите навивачи во следниот натпревар во Атина.





