Жалгирис го „растури“ Ефес за четврта победа во низа во Евролигата

Кошаркарите на Жалгирис уште еднаш потврдија дека се во фантастична форма на стартот од новата сезона на Евролигата, откако вечерва го запишаа четвртиот триумф од исто толку натпревари во елитното натпреварување на стариот континент. 

Литванскиот гигант ако во претходното коло со многу маки дојде до бодови на гости кај Црвена Звезда, вечерва ја „растури“ една од најдобрите екипи во лигата, Анадолу Ефес и победи со убедливи 16 поени разлика (89-73).

Актуелниот шампион на турската Суперлига беше притиснат уште во првата четвртина и немаше решение за офанзивниот домаќин, кој пак уште во воведните 10 минути си создаде солидна позитива и не ја испушти до крајот на натпреварот. 

Хајес со 17 и Григонис и Лакевициус со по 12 поени беа најпрецизни во домашниот табор, додека кај Ефес се истакна Данстон со 20 поени. По четири одиграни кола во Евролигата, Жалгирис е лидер со максимални четири победи, а Ефес остана на 15. позиција со само еден триумф.