Жалбата не е прифатена, на Монако му се заканува црно сценарио!

Кошаркарскиот клуб Монако остана без позитивен одговор од Жалбената комисија на Француската кошаркарска федерација (FFBB), која го одби барањето за итно разгледување на случајот со лиценцата за настап во професионалните натпреварувања.

Монако неодамна побара од федерацијата повторно да ја разгледа ситуацијата, откако во клубот дојде до промена на сопственичката структура. Сепак, барањето беше одбиено, па клубот во моментов нема лиценца за настап ниту во првата, ниту во втората француска лига.

Доколку не дојде до промена на одлуката, Монако следната сезона би можел да биде префрлен во третата француска лига, која има полупрофесионален карактер, или дури во аматерскиот ранг.

Според информациите на „Екип“, клубот засега не планира да ја продолжи правната битка пред Управниот суд на Франција, иако таква можност постои.

Целата ситуација следува по финансиските проблеми со кои Монако се соочуваше во изминатиот период. Иако летово беше променета сопственичката структура и во клубот влегоа нови инвеститори, тоа очигледно не било доволно за исполнување на условите за добивање професионална лиценца. Монако планираше и настап во Еврокупот следната сезона.

И покрај актуелните проблеми, клубот во последните години бележи големи успеси. Монако го освои Еврокупот во 2021 година, а трипати беше шампион на Франција - во 2023, 2024 и 2026 година. Во Евролигата, пак, во 2025 година стигна до финалето, каде што беше поразен од Фенербахче со 81-70, додека во 2023 година заврши на третото место.