Зенит ја надигра Барселона, следи „мајсторка“ за Ф4 во Келн

Руски Зенит застана на нозе во Санкт Петербург и во четвртиот натпревар во четвртфиналната серија славеше над Барселона (74-61), па така, овие два тима ќе играат „мајсторка“ во Шпанија по која ќе се одлучи патникот кој ќе игра на Ф4-турнирот во Келн.

Дебитантот во оваа фаза одигра доста квалитетен натпревар без осцилации. Од почетокот па се до крајот, Зенит беше тимот кој доминираше, со мали исклучоци во последниот квартал кога тренерот Чави Пасквал ротираше. Колку за илустрација за доминацијата на рускиот тим е разликата која изнесуваше +22 (62-40) на осум минути пред крајот.

Пангос беше најдобар кај Зенит со 22 поени во мечот кој се играше пред полни трибини, Појтрес даде 12, а Блек и Холинс уфрлија по 11 поени, додека кај каталонскиот тим, Калатес заврши со 19, а поддршка му беше Хигинс со 13 постигнати поени.

„Мајсторката“ меѓу Барселона и Зенит во „Палау Блауграна“ е закажана на 4 мај.