Зенит ја доби драмата во Белград, Де Коло ја продолжи бајката на Фенер

Екипата на Зенит дојде до значаен триумф кај Црвена Звезда (75-76) и ја продолжи битката за едно од местата кои водат во плеј-офот во кошаркарската Евролига.

Рускиот тим до посакуваниот триумф дојде по голема драма, откако на 20 секунди пред крајот Пангос постигна тројка. Потоа, Звезда промаши напад, Зенит доби две слободни фрлања ама Риверс не ги реализира, за последниот збор да го имаат белграѓани, ама шутот на Добриќ не заврши во обрачот.

Пангос со 25 поени беше најдобар кај Зенит, додека кај Звезда, Лојд постигна 21 поен, а Добриќ имаше 13 поени.

Фенербахче на домашен терен беше подобар од Алба Берлин (89-84) и ја продолжи бајката со десет победи по ред во Евролигата. Нандо Де Коло беше прва виолина кај победникот со 25 поени, додека кај бундеслигашот, шведскиот шутер Ериксон даде 19 поени.

Валенсија на домашен терен го доби шпанското дерби со Реал Мадрид (89-78). Ван Росом со 16 и Маринковиќ со 14 поени беа предводници кај победникот, додека кај „кралевите“ Керол имаше 20 поени.

Француски Лион го изненади Баерн Минхен во својата сала (87-79) и ја продолжи победничката серија. Лајгти даде 19 поени и беше пред Фал со 15 поени, а кај „баварците“, Балдвин со 19 и Лучиќ со 18 беа најефикасни.