Зеќири: Одличен тимски перформанс, да продолжиме вака за посветла иднина

Кошаркарската репрезентација на Македонија забележа победа над Полска (88-74) за крај на квалификациите за Евробаскетот. За жал, останавме без пласман на уште еден голем собир, а по натпреварот на прес-конференцијата освен селекторот зборуваше и Лејсон Зеќири. 

„Освен победата која ја достигнавме, ова беше одличен перформанс на целиот тим. Соиграчите беа тука еден за друг, а навивачите беа наш шести играч. Среќен сум за минутажата која ја добив, сакав да покажам дека можам да ѝ помогнам на Македонија. Ако продолжиме во овој стил, имаме светла иднина“, изјави Зеќири. 

На средбата со новинарите за настапот на Зеќири коментар имаше и од селекторот Александар Јончевски. Тој имаше само пофални зборови за 23-годишниот универзалец.

„Зеќири воопшто не ме изненади. Го повикав уште пред две години, иако помлад и без самодоверба влезе во тимот. Ја познавам неговата ангажираност, покрива повеќе позиции и играта не беше изненадување. Тој потврди дека е играч на кој треба да сметаме во следните циклуси“, прокоментира селекторот Јончевски.

На Македонија ѝ претстојат претквалификации за Мундобаскетот кои стартуваат во август. Одново ќе мора да се минат два или три филтри во борбата за пласман на планетарниот собир.