Зекири не сака да игра за Македонија, желба е Косово, КФСМ ќе го блокира!?

Лејсон Зекири, младиот 20-годишен кошаркар кој настапува за косовска Приштина, не се појави на првиот собир на кошаркарската федерација на Македонија и нема да биде дел од националниот тим во овој прозорец.

Од КФСМ се изненадени од потегот на центарот. Велат дека, нивните неофицијални сознанија се дека негова желба е да игра за Косово. Генералниот секретар Владимир Георгиевски истакна дека во федерацијата ќе преземат конкретни чекори околу овој случај.

„На првиот собир, тоа беше вечерата пред почетокот на тренинзите, сите се појавија, само Лејсон Зекири не дојде. Официјален контакт немаме, меѓутоа неофицијалните сознанија кои ние ги имаме велат дека тој сака да игра за Косово. Пак ќе повторам, ова е неофицјална информација. Контактиравме негови блиски, телефонски се обидовме да го добиеме каде е и што е и да разговараме.

Околу него, ние немаме многу млади играчи, па да дозволуваме да играат за други држави. Досега, не дозволуваме наши кошаркари да играат за други селекции ако поседуваат наш пасош. Засега, размислувањето е да не ја одобриме таа дозвола за настап, доколку дојде. Секако, тоа нема да застане тука. Но, политиката на ФИБА е малку ограничена и малку ѝ се врзани рацете на федерацијата. Ќе се потрудиме тоа да не застане така и да биде пример и за другите“, изјави Георгиевски.

На изјавата на Георгиевски се надоврза и селекторот Драган Бајиќ.

„Зекири беше во моите планови претходно, но имаше близок контакт со соиграч кој имаше коронавирус и беше ризик да го вметнеме во тимот“, изјави Бајиќ.

Лејсон Зекири претходно ги носеше дресовите на младинските селекции на Македонија, а беше дел и од МЗТ Скопје и Гостивар.