Зек Ледеј станува натурализиран играч и ќе игра репрезентативна кошарка

Зек Ледеј имаше навистина одлична сезона во дресот на белградски Партизан и беше еден од најдобрите играчи во тимот, па затоа се реши да ја продолжи соработката со „црно-белите“. 

Тој одново ќе биде во центарот на вниманието, заедно со неговиот соиграч Кевин Пантер, кој исто така уште една година ќе престојува во главниот град на Србија. Добрите настапи во Евролигата му донесоа поголема заработка во новиот договор, а сега Ледеј добива и повик од репрезентацијата на Азербејџан, каде селектор е Србинот Александар Трифуновиќ. 

Се очекува во следните денови играчот да го добие азербејџанскиот пасош и да им се приклучи на останатите играчи во репрезентацијата, која веќе има двајца натурализирани кошаркари, Донте Хол и Џордан Дејвис. 

Во моментот кога Ледеј ќе заигра за Азербејџан, тој ќе се води како европски кошаркар и ќе има многу полесен пат до следните трансфери во Евролигата, затоа што нема да биде третиран како странски играч. Минатата сезона во елитното натпреварување Ледеј бележеше просек од 10,7 поени и 4,6 скокови по натпревар. 

Неговите најдобри изданија се случија во четвртфиналната серија со Реал Мадрид и тогаш имаше просек од 15,4 поени и 4,8 скокови. Зек Ледеј пристигна во Партизан минатата година, а претходно во кариерата настапуваше уште за Хапоел Галил Гилбоа, Олимпијакос, Жалгирис и Олимпија Милано.