Заврши како третопласиран минатата сезона, а сега клубот е дисквалификуван и не постои!

Женскиот кошаркарски клуб Kуманово Гризли е дисквалификуван од Првата женска кошаркарска лига, откако не се појавил на терените во првите два закажани натпревари во сезоната 2024/25. Ова практично значи дека уште еден тим од локалната спортска сцена ќе згасне, затоа што нема пари да продолжи со работа.

„Баравме од Oпштина Куманово да ни обезбедат 600.000 денари, за да можеме да ги истуркаме овие неколку месеци од годината. Според најавите на почетокот на следната 2025 година ќе ги добиевме ваучерите од Министерството за спорт, кои многу ќе значеа во функционирањето на клубот. За жал, не наидовме на разбирање ниту кај локалните функционери, ниту од ресорното министерство. Тег кој не влечеше надолу беше и фузирањето со тимот на „Гризли“ од Скопје, од кои обезбедивме место во Првата лига, но тие апсолутно финансиски не помогнаа ниту за една потреба на тимот, иако поинаку беше договорено“, објаснија од клубот.

Раководството се обидело преку спонзори да ги обезбеди потребните средства, но сите заинтересирани своите пари и надежи ги положиле во машката кошаркарска екипа. Спортот во женските категории е секогаш на крајот на заложбите на одговорните во македонскиот спорт и спонзорите, во машките тимови се вложуваат и десеткратно повисоки суми.  

Минатата сезона клубот заврши како третопласиран во Првата женска лига.