Заврши „Ајронмен“ низа во НБА, играчот се повредил додека спие

Неверојатната серија на кошаркарот на Сан Антонио, Харисон Барнс, конечно заврши по неколку години континуирани настапи во НБА лигата.

Искусниот кошаркар немаше пропуштено ниту еден натпревар уште од 2021 година и зад себе имаше низа од дури 364 одиграни средби по ред. Сепак, таа серија беше прекината пред дуелот против Филаделфија.Барнс заспал непосредно пред натпреварот, а кога се разбудил почувствувал болка во левиот зглоб.

Поради оваа причина не беше во составот на Сан Антонио во убедливата победа над Филаделфија од 131-91.

Во моментов во НБА лигата најдолгата низа одиграни натпревари ја има Микал Бриџс од Њујорк Никс со 616. Единствен играч со невиден четирицифрен рекорд е Еј Си Грин кој од 1986 до 2001 година не пропушти ниту еден и одигра 1.192 натпревари и тој го држи рекордот наречен „Ајронмен“.