Заради фалсификуван пасош Реал ќе загуби две титули?

Два трофеи освоени во 2015 година може да му бидат одземени на кошаркарскката секција на Реал Мадрид. Шампионската титула во Лига Ендеса и трофејот од Купот на Кралот на Шпанија „висат“ за славниот мадридски клуб. Причина за ова е фалсификуван пасош на поранешниот играч на Реал Мадрид, Маркус Слотер.

Според „Ла Вангардија“ распишана е потерница за Слотер за наводно фалсификување на патна исправа. Со него во составот, Реал освои две титули пред девет години, но веројатно Американецот немал право да игра за клубот.

Слотер се натпреваруваше со пасош од Екваторијална Гвинеја и тоа му овозможи да игра како домашен натпреварувач во шпанското првенство. Меѓутоа, подоцна било откриено дека информациите во пасошот на Слотер биле неточни. Судот во Мадрид издаде налог за апсење на Слотер и според обвинителот, документите биле лажни и иако првично се сметале за легитимни, неколку страници биле заменети.

Во случајот против Реал Мадрид тужител е Барселона и ако пасошот на Слотер бил фалсификуван, тоа значи дека не можел да игра ниту во Лига Ендеса, ниту на Куп турнирот како домашен играч. 

Судското рочиште е закажано за 5 ноември во Мадрид.