Започнува плеј-инот во НБА: Кој патува во доигрувањето за тронот?

Завршницата на регуларниот дел од сезоната донесе јасна слика за распоредот во двете конференции, а сега фокусот се префрла кон возбудливиот плеј-ин турнир, кој во наредните денови ќе ги комплетира учесниците во плеј-офот. Форматот, веќе добро познат од последните сезони во НБА и Евролигата, повторно предизвикува поделени мислења. Дел од јавноста го поздравува, бидејќи ја зголемува неизвесноста и ја намалува бројката на неважни натпревари во финишот, додека други сметаат дека не е праведно цела сезона да се сведува на еден или два натпревари. Сепак, правилата се јасни, екипите од првото до шестото место обезбедуваат директен пласман во доигрувањето, додека оние од седмото до десеттото место ќе мора да се изборат за своето место преку плеј-ин пресметките.

Во Западната конференција, вниманието најпрво е насочено кон дуелот меѓу Феникс и Портланд. Тимот на Феникс влегува како фаворит, со можност дури и при евентуален пораз да добие уште една шанса на домашен терен. Победа во овој натпревар би им донела седма позиција и дуел со Сан Антонио, предводен од Виктор Вембањама. Клучот за успехот на Феникс ќе биде формата на носечката линија Девин Букер – Џејлен Грин, додека враќањето на Дилон Брукс дополнително ја зацврстува ротацијата. Иако повредите беа сериозен проблем низ сезоната, тимот сепак успеа да стигне до позиција што носи надеж за пласман во плеј-офот. Од другата страна, Портланд исто така се соочуваше со кадровски проблеми, а најголемиот адут ќе биде Дени Авдија. Иако успеаја да победат на едно гостување кај Феникс, околностите тогаш беа поинакви. Се очекува динамичен натпревар со силен акцент на шутот од дистанца.

Во вториот западен дуел, Лос Анџелес Клиперс ќе го пречека Голден Стејт во пресметка која ветува неизвесност. Иако Клиперс славеа во последниот меѓусебен натпревар, тренерот Стив Кер најави сосема поинаков пристап во плеј-ин фазата. Домашниот тим ќе има предност на свој терен и ќе се обиде со две победи да обезбеди место во доигрувањето, каде би ги чекала моќната Оклахома. Клиперс направија промени во составот, со заминувањето на Џејмс Харден и Ивица Зубац, а доаѓањето на Дариус Гарланд и Бенедикт Матурин донесе свежина и повеќе офанзивни решенија. Голден Стејт, пак, се потпира на искуството и лидерството на Стеф Кари, кој постепено се враќа во натпреварувачки ритам. Отсуството на Џими Батлер е сериозен удар, но присуството на Кристапс Порзингис во рекетот нуди дополнителна опција. Се очекува тесен дуел, во кој искуството може да биде пресудно.

На Истокот, Филаделфија ќе се соочи со Орландо, при што Сиксерси влегуваат како изразени фаворити. Тимот од Пенсилванија успеа да го сочува Џоел Ембид за најважниот дел од сезоната, а поддршката од Пол Џорџ ја прави оваа екипа сериозен кандидат за висок дострел. Иако Орландо има позитивен резултат во меѓусебните средби оваа сезона, формата во 2026 година не е на посакуваното ниво. Повредата на Франц Вагнер остави трага, а иако Германецот се врати, не е во оптимална форма. Дополнителен предизвик ќе биде како Паоло Банкеро ќе се справи со агресивната одбрана на противникот, која ќе се обиде да го исцрпи и да го натера на тешки шутеви. Победникот од овој дуел ќе се соочи со Бостон.

Последниот натпревар од плеј-ин програмата на Истокот го носи дуелот меѓу Шарлот и Мајами. Хит по четврти пат по ред се дел од овој формат, а нивното искуство во елиминациски натпревари не смее да се потцени. Сепак, Шарлот влегува со младост, енергија и офанзивна моќ, предводени од Ламело Бол, Брендон Милер и Мајлс Бриџис. Доколку успеат да наметнат брзо темпо и натпревар со многу поени, нивните шанси значително растат. Од друга страна, Мајами ќе се обиде да ја искористи својата дисциплинирана одбрана и тактичка зрелост за да го контролира ритамот. Иако искуството е на страната на Хит, впечатокот е дека натпреварот може да се развива според динамиката што повеќе им одговара на Шарлот.