• Саше Љолес
Баерн Минхен е на чекор до именување на нов главен тренер, а според најавите, Антон Гавел ќе биде наследникот на Светислав Пешиќ на клупата на германскиот кошаркарски гигант.
Гавел, кој во последните години се профилираше како еден од најперспективните тренери во германската кошарка, зад себе има успешна работа во домашното првенство. Најголемиот успех го оствари со Улм, со кој ја освои шампионската титула во 2023 година, додека сезонава стигна до трофеј во Купот на Германија со екипата на Бамберг.
За него, враќањето во Минхен би имало и посебна емотивна тежина. Како кошаркар настапуваше за Баерн од 2014 до 2018 година и токму во редовите на баварскиот клуб ја заврши својата играчка кариера.
Се очекува актуелниот тренер Светислав Пешиќ да ја приврши сезоната на клупата на Баерн, по што клубот официјално ќе ја започне новата ера под водство на Гавел. Раководството на Баерн верува дека неговото познавање на клубот, победничкиот менталитет и тренерскиот развој се доволна гаранција за продолжување на амбициозниот проект, како во германското првенство, така и во Евролигата.
Оваа пролет дел од Баерн Минхен е и македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ. Сепак, се шпекулира дека тој летово ќе замине, а со сигурност удел во одлуката ќе има и новиот тренер.
