ВИДЕО: Залуден „трипл-дабл“ на Џејмс, Јокиќ и дружината го возвратија ударот!

Денвер Нагетс е „жив“, Јокиќ и дружината го возвратија ударот, во третиот натпревар славеа (114-106) над Лос Анџелес Лејкерс и во финалната серија во Западната конференција намалија на 2-1.

  • Извештај од натпреварот:

Нагетси на овој натпревар одиграа доминантно и ако се изземе последната четвртина, беа перфектни во останатите три квартали. Лос Анџелес Лејкерс беше во подредена улога во поголемиот дел од мечот и бркаше резултат, а иако дојде на прагот да го достигне и да донесе драматичен трет дуел, сепак, Денвер не дозволи сензационален кам-бек на „езерџиите“.

Првите дванаесет минути од мечот во Орландо беа неизвесни. Двата тима си го предаваа водството константно, а на пауза Денвер замина со два поени предност (29-27). Главната разлика се случи на стартот на вториот квартал, кога Денвер влезе во ритам и обезбеди предност од 44-29. Лејкерс беше безидеен во нападот и тоа скапо го плати. Највисоко што Денвер водеше беше 18 поени разлика (55-37), но до паузата негативата скоро и да се преполови, благодарение на расположениот Дејвис (63-53).

На влез во последните 12 минути, Денвер повторно имаше највисоки „плус осумнаесет“ (93-75). но Дејвис и Леброн уште еднаш покажаа зошто ги сметаат за едно од најдобрите дуа во НБА-лигата. Токму водечките двајца играчи на Лос Анџелес Лејкерс го вратија тимот во игра и заедно комбинираа 18 поени, па го донесоа својот тим на само три поени негатива (101-98). Арно ама кога најмногу требаше, фаворитот за титулата почна да прави грешки, влезе и во проблем со фаулите, па Денвер преку „пенали“ пак врати висока позитива (112-102), на крајот доволна за триумф.

Најдобар кај победникот беше Мареј со 28 поени, 11 асистенции и 8 скока, а го следеше Грант со 26 поени и Јокиќ кој имаше „дабл-дабл“ од 22 поени и 10 скока. Кај Лос Анџелес Лејкерс, „кралот“ Џејмс забележа „трипл-дабл“ од 30 поени, 11 асистенции и 10 скока, а јунакот од претходниот меч Ентони Дејвис заврши со 27 поени, но скромни два скока и една асистенција.

Следниот меч од финалната серија на Западот е на 25 септември во 3:00 часот наутро по средноевропско време.