• Мартин Танасковски
Вистинска сензација се случи во завршницата на српското кошаркарско првенство, откако за првпат во историјата финалето ќе се игра без белградските великани Црвена звезда и Партизан.
Во полуфиналниот натпревар, Спартак Суботица приреди големо изненадување и ја совлада Црвена звезда со 90-89, обезбедувајќи место во финалето.
Претходно во текот на денот, уште еден шок приреди ФМП, кој го елиминираше Партизан во второто полуфинале. Со тоа, српската кошарка ќе добие нов шампион, бидејќи ниту еден од двата најтрофејни клуба не успеа да стигне до борбата за титулата.
Оваа сезона за првпат беше воведен Фајнал Фор формат во завршницата на првенството, а токму системот на елиминација во еден натпревар придонесе за двете големи изненадувања.
За Спартак Суботица ова ќе биде второ последователно финале во националниот шампионат. Клубот досега има освоено само еден трофеј, титулата во АБА 2 лигата, па евентуален триумф би бил најголемиот успех во неговата историја.
Од друга страна, кризата на Црвена звезда продолжува, бидејќи белградскиот состав втора сезона по ред останува без настап и во финалето на АБА лигата и во финалето на српскиот шампионат.



