Второлигашкото дерби за штипјани, три екипи се издвоија на врвот

Шестото коло од Втората кошаркарска лига донесе мали промени на водечките позиции. Ја издвојуваме победата на екипата на Соколи 1933 во дербито против Ангели, со 72:68. По шест одиграни кола, штипскиот второлигаш со скор (5-1) е на првата позиција, со ист учинок како и Црн Дрим и Борец баскет.

И без помошта на своите навивачи во „Нико Нестор“, кошаркарите на Црн Дрим лесно се справија со Академија ФМП. Стружани стигнаа до убедлива победа со 90-64, по која остануваат на делба на првата позиција на табелата.

Приклучок со самиот врв држи и екипата на Борец баскет. Во ова коло велешани славеа на гостински терен кај Работнички 2018 во Скопје, со сигурни 65-75. До петтиот триумф во шест кола ги предводеше најискусниот, Штерјов, кој реализираше 22 поени, а одлични соработници во фазата на нападот имаше и во Чадамов, кој реализираше 17 и Митрев кој додаде уште 14 поени.

Во домашната екипа Шошкиќ постигна 23, а Трајковски уште 11 поени.

Втора лига (м)
Шесто коло:

Партизан Водно Санс – Охрид 71-99
Црн Дрим – Академија ФМП   90-64
Бутел – Мега баскет        84-79
Работнички 2018 – Борец баскет        65-75
МЗТ Скопје Уни Банка – Маџари        86-76
Соколи 1933 – Ангели     72-68