Вториот „балон“ во АБА2 лигата ќе се игра во јануари во Бања Лука

Втората АБА лига веќе одржа еден „балон“ во Златибор, каде се одиграа првите четири кола. МЗТ ја стартува сезоната со три победи и пораз, додека Работнички дебитира на јадранот со половичен ефект. 

Сега, челниците на АБА лигата ја потврдија Бања Лука и како нареден домаќин ќе фигурира Борац на јануарските натпревари во второлигашкото друштво. „Балонот“ во овој град ќе се одигра во текот на јануари 2021 година, а засега не е познато дали ќе се играат четири или пет натпревари. 

Овој формат на Јадранската лига се покажа како ефективен и „балонот“ во Златибор беше полн погодок поради ситуацијата со коронавирусот. 

Во оваа сезона на АБА2 лигата, најдобрите осум клубови ќе обезбедат пласман во плеј-офот, каде ќе се игра четвртфинале. МЗТ добро котира и одново е меѓу најголемите фаворити за висок пласман и место во првата АБА лига.