Втора сериозна повреда на новиот ПАО на Обрадовиќ

Кошаркарот на Панатинаикос, Најџел Хејс-Дејвис, заработи фрактура на левата рака и ќе отсуствува шeст недели. Американецот се повреди за време на тренинг во вторникот. По деталните медицински прегледи во болницата, утврдено е дека има скршеница на четвртата метакарпална коска на левата дланка, поради што веднаш му е поставена специјална лонгета.

Се очекува неговата пауза да трае околу шест недели, што значи дека би можел да се врати на терените кон средината на октомври. Хејс-Дејвис дефинитивно ќе го пропушти самиот почеток на новата сезона во Евролигата. Според првичните проценки на медиумите, тој нема да настапи на првите пет евролигашки дуели против Париз, АСВЕЛ, Макаби Тел Авив, неговиот поранешен клуб Фенербахче и Партизан.

 Ова е втор голем проблем за тренерот Жељко Обрадовиќ во кус период, бидејќи претходно тешка повреда на менискусот и операција доживеа и бекот Кендрик Нан, кој исто така ќе паузира до почетокот на октомври.