Втор евролигашки триумф во низа за Барса, Фенербахче ја здроби Алба Берлин

Кошаркарите на Барселона успеаја да го совладаат Монако со конечни 84-98 во 20. коло од Евролигата. За каталонскиот гигант ова е втора победа во низа во елитното натпреварување. 

Двете екипи одиграа по една солидна четвртина во првото полувреме, а резултатот на паузата гласеше 41-45 во корист на гостите. Барса ја доби и третата делница, со што го најави триумфот, а во завршните десет минути Монако „пропадна“ во офанзивата и на крајот мораше да се помири со пораз пред своите гледачи. 

За Барселона ова е единаесетти триумф сезонава, а најдобар кошаркар кај победниците беше Дарио Бризуела, кој запиша 27 поени. Во редовите на Монако најрасположен за игра беше Мајк Џејмс со четири поени помалку. 

Фенербахче без поголеми проблеми ја совлада Алба од Берлин со конечен резултат 90-73. Гостите од Германија прикажаа солидна игра во втората и третата четвртина, на паузата имаа негатива од само три поени (37-34), но турскиот гигант ја покажа силата во последниот период и одново „побегна“ на недостижна предност до крајот. 

Најефикасен во победничкиот состав беше Сертач Санли со 18 поени, додека на спротивната страна четири поени помалку постигна Даниеле Просида.