Врбица доби наследник во Рубин Стефанов: Татко ми е мотив плус за мене!

Петкратниот спортист на Македонија, Врбица Стефанов, добива наследник во најдобрата кошаркарска селекција. Синот на легендата на мак-баскетот, Рубин Стефанов, доби повик од селекторот Драган Бајиќ за последните два квалификациски натпревари во циклусот за Светското првенство во 2023 година и работи под полна пареа.

На првиот собир, евидентна беше возбудата кај младиот 17-годишен кошаркар затоа што е во сениорскиот состав. Рубин, кој полека гради кариера во Италија, истакна дека за секој млад играч најголемиот сон е да игра за првиот тим и ова за него е мотив за понатаму. Како син на легендата Врбица, не чувствува притисок, туку е гладен да се докажува.

„За секој млад играч најголемиот сон е да биде дел од најсилната национална репрезентација на својата земја. Голема чест е што добив и повик, и што имам шанса да тренирам и да учам од најдобрите. Ова е големо искуство, мотив за понатаму. Ќе го дадам максимумот на секој тренинг, се надевам дека ќе ја оправдам довербата на селекторот Бајиќ, му благодарам за укажаната шанса. Не чувствувам притисок. Секако мојот татко Врбица има успешна кариера зад себе, го носеше дресот на Македонија, што пак претставува мотив за мене, да го стигнам, па дури и да го надминам. Но, за тоа треба време, напорно тренирање и откажување од многу работи“, изјави Рубин.

Македонија ја чекаат два натпревари за крај на мундиајлските квалификации. Прво, се гостува кај Шпанија на први јули, а три дена подоцна во Скопје доаѓа Украина и ќе биде шанса за прва победа за крај на циклусот.