„Враќањето на ЦСКА во Евролигата е чиста научна фантастика“

Претседателот на ЦСКА Москва, Андреј Ватутин, изјави за руските медиуми дека евентуалното враќање на клубот во Евролигата во моментов се граничи со научна фантастика. 

Тимот на нашиот Емил Рајковиќ се натпреварува само во ВТБ лигата, а изгледите за враќање во елитната европска кошарка се премногу мали. Санкциите кон руските клубови траат од почетокот на воената инвазија во Украина, а претседателот Ватутин искрено кажува дека клубот се фокусира на сосема други нешта.

„Нема шанси. Враќањето во Евролигата за нас сега е научна фантастика. Искрено, немам намера да трошам време и нерви за ова прашање. Кога ќе дојде времето, тогаш ќе се вратиме. Прво мора да заврши воениот конфликт, а потоа ќе разговараме на оваа тема. Се фокусираме на ВТБ лигата и враќање на трофејот во нашите витрини“, изјави Ватутин. 

ЦСКА Москва повторно се вбројува меѓу главните фаворити за освојување на титулата во ВТБ лигата. Екипата на Емил Рајковиќ во моментов го дели првото место со актуелниот шампион, Уникс Казањ, каде настапува нашиот најдобар кошаркар, Ненад Димитријевиќ.