Враќање на отпишаниот: Од 170.000.000 долари до „минималец“

Бен Симонс конечно доби нова шанса во НБА. 30-годишниот Австралиец потпиша едногодишен договор со Сакраменто Кингс, за минимална ветеранска плата од околу 3,5 милиони долари.

Симонс некогаш беше еден од најголемите таленти во лигата. Беше прв пик на драфтот во 2016 година, дебитант на годината, трипати Ол-стар и двапати член на идеалната дефанзивна петорка.

Сепак, неговата кариера доживеа неверојатен пад. По проблемите во Филаделфија, следуваше трансферот во Бруклин, а потоа и кратката епизода во Клиперс. Во последните неколку сезони неговата продукција значително опадна, а минатата сезона целосно ја пропушти.

Најиронично е што во 2019 година Симонс потпиша максимален договор вреден 170 милиони долари на пет години. Сега, со Сакраменто, ќе заработи само мал дел од таа сума, во веројатно последната голема шанса да покаже дека сè уште го има квалитетот со кој некогаш ја воодушевуваше НБА.