• Иван Димовски

Лесли Ворнер е едно од засилувањата на МЗТ Скопје. Новото крило на македонскиот шампион имаше интервју за клупскиот веб-сајт и зборуваше на повеќе теми. Американецот не го крие задоволството од новата средина, соиграчите и стручниот штаб, најавувајќи високи амбиции за претстојната сезона.
„Ми се допаѓа тимот, атмосферата, градот е одличен, а храната е супер. Досега навистина уживам во сè што нуди Аеродром. Мислам дека го најдов својот дом надвор од дома. Не знаев премногу пред да дојдам. Минатата година играв во Грција, па знаев за Македонија бидејќи бев во соседство. Но, немав детални информации, па сигурен сум дека сега ќе научам многу повеќе за средината во која ќе бидам во следниот период“, дополнува Американецот.
Фокусот на Ворнер во моментов е насочен кон подготовка на тимот и градење на вистинска тимска хемија пред почетокот на официјалните натпревари:
„Очекувам да се здружиме и да изградиме одлична тимска хемија, особено сега кога заминуваме на кратки подготовки надвор од Скопје. Мојата единствена желба се победи и шампионски титули. Екипата е одлична, сите се согласуваме и размислуваме исто — сите сакаме само победи и се надевам дека тоа брзо ќе го покажеме на теренот. Чекавме да ни се приклучат и репрезентативците за да влеземе во целосен ритам. Сега е сѐ како што треба“, анализира новото засилување.
Запрашан за сопствените квалитети и што навивачите можат да очекуваат од него на паркетот, тој истакна:
„Можам да направам од сè по малку. Мојата задача е да поентирам, затоа сум донесен овде, но и одбраната е една од моите силни страни. Можам да чувам играчи на повеќе позиции. Соработката со стручниот штаб е одлична од првиот ден, навистина уживам во работата со нив. Верувам дека на крајот заедно ќе се радуваме и ќе си честитаме на направеното сезонава“.
„Штрковите“ ќе се преселат во Гевгелија на мини-камп, а за таму е планиран и првиот контролен натпревар против Кожув.


