Вонсериските браќа Гасол раскрстија со Германија, Шпанците се први полуфиналисти

Gol.mk на Евробаскет 2017 во Истанбул

Според очекувањата, репрезентацијата на Шпанија е првиот полуфиналист на Евробаскетот, откако попладнево во Истанбул ја совлада две четвртини рамноправната Германија со 72-84. 

Германците многу подобро го почнаа мечот и поведоа со 7-0. По три и пол минути Марк Гасол ги постигна првите шпански поени. По тајм-аутот на Скариоло, Пау Гасол постигна пет неодговорени поени и намали на 11-7. Пред крајот на првиот дел, Шпанија намали на 16-14, но по техничката лична грешка на Скариоло, бундес-тимот првиот период го реши во своја полза (19-16).

По скоро 15 минути водство на Германците, втората шпанска постава го стопи заостанувањето и Хуанчо Хернангомез од слободни фрлања израмни на 27-27. Минута подоцна, Родригез погоди тројка за прво шпанско водство (27-30). Крис Флеминг повика минута одмор на германската клупа, кога Марк Госол погоди од табла за +5 за европскиот првак. Со реакција од германскиот табор, првото полувреме заврши со минимални 33-34 за фаворитот.

Третиот период започна со две тројки на Шредер и израмнување на Германците (39-39). Кога Тиман погоди од пост во 26. минута, Германија се врати во водство (45-43). Ред беше да се разбудат ѕвездите на Скариоло и Марк Гасол и Јоан Састре реализираа за нов пресврт (48-50).   Со многу искуство и 13 поени на Марко Гасол, во неполни две минути, Шпанија побегна на +12 и третиот период го заврши со 53-65.  

Пред Германците беше невозможна мисија, бидејќи пред себе имаа расположена Шпанија во последниот период. Цврстата одбрана на Скариоло ги отргна „белите“ да се надеваат на драматичен финиш. Дури и со невидена леснотија европскиот првак победата ја направи убедива и триумфираше со 72-84. 

Најефикасни поединци во победничкиот табор беа Марк Гасол со 28 и Пау Гасол со 19 поени, а кај поразените Германци се истакна Денис Шредер со 27 поени. Вечерва победникот од второто четвртфинале меѓу Словенија и Летонија ќе биде противник на Шпанија во полуфиналето в четврток.