Волкановски од Охрид во Аеродром: Потпиша на три години со МЗТ

Поранешниот македонски младински репрезентативец, Иван Волкановски од денес е нов член на МЗТ Скопје Аеродром, откако потпиша тригодишен договор со македонскиот шампион.

20-годишниот центар воедно е и еден од најнадежните и највисоките македонски кошаркари во моментов (209 сантиметри), а во Аеродром доаѓа од таборот на АВ Охрид каде што ја доигра минатата сезона.

Волкановски е деветиот кошаркар кој во моментов е под договор со МЗТ Скопје Аеродром, за кој во новата сезона ќе играат уште и Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Бојан Крстевски, Кристијан Николов, Ранко Мамузиќ и кенискиот интернационалец Нуни Омот.

Тренер и во новата сезона ќе биде Ѓорѓи Кочов, кој веќе го закажа почетокот на подготовките за новата сезона и тоа за 15 август.