• Саше Љолес
Американско-грчкиот кошаркар од редовите на Олимпијакос, Томас Вокап, најави огромна борба во полуфиналниот меч против Реал Мадрид и изрази големо задоволство што неговиот тим обезбеди пласман на завршниот турнир во Евролигата.
Грчкиот гигант последен пат го освои трофејот во елитниот ранг во сезоната 2012/2013, а Вокап смета дека е дојдено време тимот да се врати на европскиот трон.
„Веруваме во себе и во нашиот тренер. Имаме одличен тим, полн со квалитетни играчи и знаеме дека можеме да се носиме со Реал Мадрид. Тие се актуелни шампиони, а наша задача ќе биде да ги елиминираме и да се пласираме во мечот за титулата.
Нашите навивачи го чекаат трофејот повеќе од една деценија, па затоа мислам дека е крајно време да ги израдуваме со овој голем успех. Нема да биде лесно, но знаеме што можеме и колкав квалитет имаме“, изјави Вокап.
Олимпијакос и Реал Мадрид ќе се соочат на 24 мај, со почеток во 21:00 часот, а втората полуфинална двојка ја сочинуваат Фенербахче и Панатинаикос.