Војдан Стојановски: Сè беше во наши раце, успешно ја завршивме првата задача

Македонија ќе игра во квалификациите за Евробаскетот во 2025 година откако со победа над Норвешка заврши на првото место од групата Д“ од втората рунда од претквалификациите. За реализација на плановите на нашите најдобри кошаркари и во овој циклус се погрижи капитенот Војдан Стојановски.

Еден од најискусните го заврши последниот натпревар со 16 поени. По натпреварот за КФСМ истакна дека овој тим покажал карактер и успешно ја минал првата пречка на патот кон ЕП 2025.

„Имаше некоја доза на вознемиреност откако дознавме дека Словачка стигна до драматична победа во Данска, неспорно, но и ништо страшно. Но, искрено, се чини дека тоа беше и дополнителен мотив кај сите нас, дека се е во нашите раце на средбата во Осло. Влеговме во натпреварот како што и посакувавме, многу подобро од онаа средба во Левице, кога му дозволивме на противникот шутерски да се отвори и да ни даде 15 тројки. Норвежаните се познати по добриот шут за три поени, и интенција ни беше да ги спречиме нивните главни шутери. Можеби оваа средба во Осло заличи на онаа од Гевгелија, кога навистина ги исполнивме сите задачи во дефанзивата, каде и посветивме доста поголемо внимание. Добриот почеток беше основа и за добра игра.

Она што е извесно е дека оваа екипа покажа карактер. Јасно е дека не беше лесно да се ‘префрлиме’ во Осло по оној пораз во Левице. Но игравме со уште поголема верба во сопствените можности. А како одминуваа минутите на површина излезе и нашиот квалитет. Реално доста поголем од оној кој го имаат Норвежаните. Ниту во еден момент не им дозволивме да се надеваат на некое изненадување, и мирно го привршивме натпреварот во кој ја оправдаме улогата на фаворит“ - дополнува еден од најискусните во ростерот на „црвено-жолтите“.

Кошаркарите го завршија циклусот со пет победи и еден пораз во шест одиграни мечеви во изминатите три ФИБА „прозорци“. Сега за нив следат олимписките претквалификации, па квалификациите за ЕП 2025.