• Зоран Мишевски

По одличниот натпревар против Будуќност, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром се вратија чекор назад и загубија и од Гостивар во домашното првенство и од Студенски центар Дерби во АБА лигата. Момците на Драган Николиќ имаат голем предизвик пред себе, бидејќи во два дена ќе играат два дерби дуели - против Цедевита Олимпија и против Работнички.
Дуелот против екипата од Љубљана е една од последните шанси за фаќање приклучок во борбата за опстанок.
„Играме против една од најдобрите екипи во АБА лигата, која игра одлично и во Евокупот. Се надевам на добар натпревар во кој ќе покажеме борбена игра со многу енергија со што ќе ги израдуваме нашите навивачи со посакуваниот триумф. Според мене, МЗТ Скопје може да ги совлада сите противници во АБА лигата до крајот на сезоната што ќе значи и остварување на зацртаната цел – опстанок“, рече Војдан Стојановски.
Дуелот против Цедевита Олимпија, „штрковите“ го играат утре од 17:00 часот, а дербито со Работнички е закажан за понеделник од 20:00 часот.