• Иван Димовски

Кошаркарската репрезентација на Македонија, пред точно 12 години, на 14 септември 2011 година ја запиша веројатно најголемата победа во историјата. Во четвртфиналето на Европското првенство, пред 14.000 Литванци, избраниците на Марјан Докузовски ја добија драмата за историското полуфинале.
Еден од најдобрите играчи на таа генерација, меѓутоа и носител на сегашната селекција, Војдан Стојановски, се присети на најсветлите моменти во репрезентативната кариера.
„Дури сега, по толку години сфаќаме каков успех сме направиле. Искрено, не знам дали во блиска иднина може да се повтори успехот на кошаркарски план.
Го паметам секој момент од тој еден месец за време на подготовките и настапот на Европското првенство. Секоја година кога ќе се присетиме, разбираме колкав успех направивме со тоа четврто место во Литванија пред 12 години“, изјави еден од хероите на Македонија, ни изјави Војдан Стојановски.
Генерацијата на Лестер Бо Мекејлеб, Тодор Гечевски, Перо Антиќ, браќата Стојановски, Владо Илиевски, Самарџиски, Чековски... тогаш ја израдува Македонија со најголемиот кошаркарски успех. Иако во полуфиналето за нас пресилна беше Шпанија, а потоа ја загубивме и драмата во „малото финале“ со Русите, овој резултат е историски и секој Македонец беше горд на кошаркарите.