Војдан ги скина предните лигаменти: Ќе се вратам посилен од било кога!

Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски, доживеа тешка повреда на еден од тренинзите на француски Гравелин и го чека подолга пауза.

Според информациите, скинати се предните вкрстени лигаменти на кошаркарот. Се работи за една од најтешките повреди во спортот, па Стојановски го чека долга пауза која се предвидува од најмалку шест месеци.

„Се случи во оние моменти кога најмалку очекуваш, односно кој не може да се повреди. Почувствував како левото колено 'излезе' од некоја нормална положба. Знаев дека нешто не е во ред, и како што треба. Лекарскито тим веднаш организираше снимање со кое беше потврдено кинење на предниот вкрстен лигамент на коленото. Тоа е животот, ако ништо друго ќе земам одмор, макар и ваков, кој ми беше потребен. Се надевам дека во наредните денови менаџментот на клубот ќе ја организира операцијата. Сакам да го решам тоа што е можно побрзо. Да влезам во процес на рехабилитација, и да се вратам посилен од било кога“, изјави Стојановски за интернет-страницата на кошаркарската федерација на Македонија.

Отсуството на Стојановски во наредните месеци сигурно ќе биде голем удар и за Александар Тодоров, селекторот на македонската кошаркарска репрезентација. Нашиот национален тим го чека настап во претквалификациската фаза за Светското првенство, а дуелите се предвидени во месец август.