• Иван Димовски
Кошаркарите на ТФТ Скопје ќе се судрат со Војводина во рамките на второто коло на АБА-2 лигата. Скопскиот тим за првпат ќе одигра средба од ова натпреварување како домаќин во главниот град на Македонија. Токму тоа е главен мотив за четата на Боро Смилковски кој имаше само пофални зборови за противникот.
„Ова е посебен момент за нас, првпат ќе играме АБА-натпревар пред својата публика и тоа против Војводина која е еден од фаворитите за најдобар пласман. Целата подготовка не беше едноставна, имам само комплименти за нивната игра. Тоа е екипа која игра модерна кошарка, со сериозен ритам и трчање, имаат квалитетни и искусни играчи за ова ниво. Нашата шанса ја гледаме со енергетски пристап на мечот и агресивна одбрана. Да се обидеме со повеќе транзиција да се носиме на отворен терен. Верувам дека ќе покажеме добра и модерна кошарка, а секако дека ќе се обидеме да го одбраниме домашниот терен“, изјави Смилковски.
Освен тренерот Смилковски, краток коментар за натпреварот даде и Дарин Говенс кој кажа:
„Едвај чекаме да го играме првиот домашен АБА-2 меч во историјата. Се надеваме дека ќе се покажеме во добро светло, со добра енергија и со поддршка од нашите навивачи“.
Средбата меѓу ТФТ и Војводина ќе се одигра попладнево во терминот од 18:00 часот.






