Во НБА имаше договор од 80 милиони, а сега игра за „смешни пари“ во Грција

Кевин Портер Јуниор до неодамна беше еден од најголемите таленти во НБА лигата. 23-годишниот бек беше драфтуван од Милвоки Бакс во 2019 година, но веднаш беше трејдуван во Кливленд Кавалирс. Сепак, тој ги помина своите најдобри денови во Хјустон Рокетс. Веќе во својата трета сезона таму, тој забележа одлични бројки кои го доведоа до статус малку под најголемите ѕвезди во лигата.

Портер по натпревар имаше скор од 19,2 поени, 5,3 скока и речиси шест асистенции и 1,4 украдени топки. Ова му донесе огромен четиригодишен договор во октомври 2022 година, во кој Хјустон се обврза да му плати дури 80,4 милиони долари. Но, набрзо сè се распадна поради неговото однесување. Уште додека беше во НБА лигата, Портер Јуниор. често пати беше суспендиран. Еднаш за малку ќе се степаше со помошникот тренер, додека во друга прилика беше казнет со 50.000 долари поради кршење на здравствените и безбедносните протоколи. Со првите поголеми проблеми со законот наишол во 2020 година, кога бил приведен поради предизвикување сообраќајна несреќа, а во возилото бил пронајден и пиштол за кој немал дозвола. Но, било утврдено дека е на неговата мајка, па успеал да избегне посериозна казна.

Три години подоцна, тој беше уапсен за насилство врз неговата девојка, која исто така е професионален кошаркар, Кисри Гондрезик. Рокетси веднаш реагираа на тоа и го трејдуваа со Тандерси, кои веднаш го отпуштија. Во јануари годинава се договорил со обвинителството во Њујорк. Тој се изјасни за виновен за два прекршоци - лесен физички напад и малтретирање од втор степен. Кошаркарот практично ги загуби сите 80 милиони долари од договорот, бидејќи содржеше клаузула во која само многу мал дел од договорот му беше загарантиран, додека остатокот ќе го исплатеше само доколку се однесува според пропишаните барања.

Пред три недели тој потпиша договор со грчки ПАОК. Според локалните новинари, договорот е на само еден месец, до крајот на грчкото првенство. Но, уште поинтересна е сумата за која ќе игра. Според Харис Ставру, а пренесуваат американските медиуми, Кевин Портер во Солун денес заработува помалку од десет илјади долари месечно. Не се знае што ќе прави следната сезона, но се шпекулира дека ќе игра во Европа или Кина, бидејќи вратата од НБА лигата најверојатно му е засекогаш затворена.